Властите во Северна Македонија остануваат на ставот дека сè уште е рано да се отворат границите и оти кога ќе дојде време, тоа треба да се направи во координација со соседните земји. Но, властите во соседните земји не чекаат на регионална координација. Србија ги отвори своите граници денес по предлог на тамошниот кризен штаб, така што сите нејзини граѓани и странци ќе можат да влегуваат на српска територија без негативен тест за коронавирус и без присилна изолација. Меѓутоа, доколку граѓаните на Македонија сакаат да одат во Србија и ако оние од Србија сакаат да влезат кај нас, ттогаш по враќањето ќе одат директно на државен карантин.

„Упатствата се дистрибуирани на граничните премини, се враќаме на мерки за лична хигиена и на работното место. Ако има симптоми кои можат да бидат поврзани со коронавирус, здравствени центри стојат на располагање“, вели Верица Јовановиќ, Институт за јавно здравје на Србија.

Од денеска ќе има и летови од аеродромот на Ниш кој беше затворен на 18 март. Во меѓувреме, комисијата на епидемиолози во Грција составува список на земји за кои ќе се отворат границите на 15 јуни без при тоа да се покажува негативен тест за Ковид 19 и без присилна изолација.

„Во првата фаза, очекуваме Националната организација за јавно здравје да ни го достави списокот на земји за кои оценува дека епидемиолошките податоци се такви што ќе им овозможи на туристите безбедно да пристигнат во Грција. За втората фаза, на 1 јули, кога ќе се отворат сите аеродроми за туристи, ќе се подготви нов список на држави и истите редовно ќе се ажурираат“, изјави Харис Теохарис, министер за туризам на Грција.

Албанскиот премиер Еди Рама исто така најави дека границите на Албанија ќе се отворат во текот на овој месец.

Анеса Салиу

Shpërndaj me

Loading...