По предупредувањето дека полиција ќе го донесе во судница, Тони Трајковски денеска сам дојде на судењето за „ТНТ“. Поранешниот градоначалник на Гази Баба спротивно на вчерашното тврдење на неговиот адвокат дека ако дојде на суд непоканет прави процесен пропуст, одлучи да седне на обвинителна клупа. Но, судење немаше. Се одложи и денеска, поради лошата здравствена состојба на Трајковски кој приложи медицинска документација од невропсихијатарот Викторија Вујовиќ. Дијагнозата по молба на Трајковски, Судот не ја откри.

„Од самото претепување на Тони, значи има последици по здравјето. Има дијагноза од докторите што не би сакал да ја коментирам, не е благодарно, меѓутоа препорачуваат мирување, дека не може да учествува на судење петнаесет дена“, рече Јовица Страшевски, адвокат.

Трајковски и Страшевски излегоа од судот заедно. Неговиот адвокат му помогна да седне на клупата пред судската зграда, додека тој даде изјава за медиумите. Претходно судот го одби предлогот на обвинителството, на Трајковски да му се суди раздвоено, за што реагираше жестоко и одбраната на сите обвинети.

„Не може да се раздвои зошто самото обвинителство, самиот обвинителен акт што го има поднесено, претставува еден синџир на поврзување, меѓу првиот и последниот обвинет, каде првиот го поттикнал вториот, вториот третиот, третиот тие надоле и тоа е синџир поврзан, каде што не може да се раздвои постапката“, додава Страшевски.

Судењето за „ТНТ“ се одложи за идниот понеделник. Рочиштата за овој случај неколкупати се одложуваа поради Трјаковски. Тој пред Нова година беше претепан и немаше судења. Поради ова и истече мандатот на поротничката, а процесот треба да почне одново по две години судење.

Бојан Стојановски

 

Shpërndaj me

Loading...