fbpx

Целосно спроведување на Договорот од страна на Македонија е клучен услов за напредокот кон интеграцијата во ЕУ – порача бугарската шефица на дипломатијата Екатерина Захариева на потпишувањето на 3 годишнината од Договорот за пријателство меѓу Македонија и Бугарија. Пораката ја испрати преку својот фејсбук профил – таа исто така потенцира дека Бугарија очекува напредок во работата на експертската комисија за историја.

„Ние веруваме во добрососедските односи како фундаментална европска вредност и во таа смисла целосното и совесно спроведување на Договорот од страна на Македонија е клучен услов за понатамошниот напредок на земјата кон интеграцијата во ЕУ… Еден од најважните аспекти е работата на заедничката мултидиспциплинрана експертска комисија за историја и образовни прашања. Бугарија очекува Комисијата да продолжи со работа и наскоро да оствари вистински напредок врз основа на објективно толкување засновано на автентични и историски извори и докази“, напиша Захариева.

Нејзиниот македонски колега Никола Димитров исто така ја одбележа годишнината од Договорот со порака испратена на фејсбук
Тој сподели и изрека од непознат автор која гласи: „Пријател е оној кој го разбира твоето минато, верува во твојата иднина и те прифаќа баш таков каков што си.“

„Токму оваа мудрост, применета и од македонска и од бугарска страна, со трпение и зрелост, ќе нè носи напред. Да најдеме разбирање за минатото, да работиме на иднината и да се прифатиме какви сме и кои сме во сегашноста. Градењето вистинско пријателство е макотрпен, но исклучително благороден процес„ напиша Димитров.

На први август пред три години премиерите на Македонија и Бугарија Заев и Борисов во Скопје го потпишаа Договорот за пријателство. Го оценија како историски момент кој ќе овозможи соработка меѓу двете земји, но и како силна поддршка на Бугарија за евроатланската перспектива на Македонија. Со Договорот за добрососедство се надмина противењето на Бугарија за европската иднина на земјава, но по инситирањето на Бугарија Гоце Делчев да биде прогласен само за бугарски херој повторно станаа гласни заканите за условување на Македонија на патот кон европската интеграција. Комисијата се очекува да продолжи со работа во септември кога ќе се дебaтира за Илинденското востание и историјата пред 44 та .

Весна Велкова

Shpërndaj me

Loading...