Уште една средба помеѓу властите и угостителите денска заврши без конкретен договор. Рано изутринава претставникот на угостителите Мартин Ангеловски им ги повтори барањата на министрите Нина Ангеловска и Крешник Бектеши. Крајот на состанокот доцнеше точно еден час, толку време новинарите го чекаа епилогот пред зградата на Министерството за финансии. Кога се симнаа долу, Ангеловски рече добиле нови предлог-мерки и сега треба да ги разгледаат во здружението.

„Побаравме од Министерството за финансии толкување за повикувањето на Законот за виша сила, мора да добиеме толкување на тој закон, за да знае како ќе се постапи. Го кажавме нашето примарно барање, да се добие минимална бруто плата за вработените“, рече Мартин Ангеловски претставник на угостителите.

Министерот за економија Бектеши е оптимист и очекува нови предлози од угостителите во понеделник, па вели на владина седница ќе бидат разгледани во вторник.

„Ние како Министерство за економија сме во комуникација и со други институции сè со цел да ги зголемиме средствата кои ќе бидат насочени и таргетирани за полесно да се опоравуваат компаниите коишто беа најпогодени“, рече министерот Бектеши.

Угостителите на неколку пати алармираа дека доколку не добијат комплетна неповратна помош од државата, ќе бидат приморани да отпуштат 15 илјади вработени во угостителскиот сектор. Испратија и децидна порака дека не им требаат нови кредити, какви што им нуди Владата, бидејќи велат – немаат пари да ги платат ниту оние кои веќе ги имаат подигнато.

Иле Петревски

Shpërndaj me

Loading...