fbpx

Учениците од основно и средно образование веќе почнаа да ги добиваат лозинките преку кои ќе може да влезат во Националната платформа за учење од далечина. Класните раководители кои имаат задача да ги распределат лозинките велат дека се соочуваат со разни тешкотии затоа што голем број ученици немаат опрема за работа во платформата.

„Најголемите жалби се дека немаат опрема. Повеќето ученици имаат телефони како средство за комуникација, но многу малку, мал број од нив се опремени со лаптоп или компјутер. Предлозите и упатствата што ги добивме од Министерството, најмногу се бара да поседуваат лаптоп и компјутер. Имавме обука три дена, три дена немавме можност да ги дознаеме сите апликации кои ги содржи платформата“, изјави Буњамин Ахмеди- наставник по историја.

Некои од наставниците кои веќе ги имаат направено првите тестови на оваа платформа заедно со учениците се жалат дека многу од лозинките не се функционални. Како што велат, во повеќето случаи самата платформа не работи.

„Сигурен сум дека ќе наидуваме на проблеми, не само во првото полугодие, туку до крајот на годината. Исто така, сакам да нагласам дека самата платформа има застој, одреден временски период работи, а одреден период не. Исто така, постојат проблеми со лозинките, некои работат, некои не“, рече Бурим Реџепи, наставник по информатика.

Наставниците велат дека учениците од шестто одделение во основното образование и оние од првите години средно ќе се соочат со најмногу тешкотии поради неможноста физички да ги запознаат наставниците и новите услови за настава. Вчера, Министерството за образование ја активираше Националната платформа за учење од далечина преку веб-страницата www.schools.mk. Во неа веќе има упатства, прирачници и друга содржина.

Мелихате Рустеми

Shpërndaj me

Loading...