Изборните рокови се во Уставот и во владината уредба донесена на 21 март, вели за Алсат професорот по уставно право Светомир Шкариќ. Посочува дека изборите се веќе распишани и во уставен рок од 60 дена треба да се одржат. Поминаа 32 дена, остануваат уште 28 и тие продолжуваат истиот момент кога ќе престане вонредната состојба, вели Шкариќ.

„Ако во тој рок не се извршат парламентарните избори, тогаш Уставниот суд, може таквите избори, ако се пробие рокот, да ги прогласи за неуставни. Владата со нова уредба може и да ја смени ДИК ако прави пречки, ДИК е должна да го спроведува законот, во овој случај уредбата“, вели Шкариќ.

Според Шкариќ, разговорите помеѓу лидерите кај претседателот Стево Пендаровски имаат политичка тежина, но немаат правно дејство, кое, како што вели, произлегува исклучиво од Уставот и од владината уредба. Ѝ порача на Владата дека веќе мора да има изработено нов модел на гласање.

Инаку, власта и опозицијата продолжуваат да лицитираат со изборните рокови. Аргументите на СДСМ за избори во јуни е почитување на законите, но и на препораките на СЗО владите да се подготват за нов бран од корона вирус од септември. И ВМРО ДПМНЕ се повикува на здравјето на граѓаните. Тие се за избори на крајот на август, бидејќи во јуни уште ќе владее Ковид 19. Од ДУИ се за избори со консензус. Беса типува на избори во јуни, а Алијанса и Алтернатива во јули.

Весна Велкова

Shpërndaj me

Loading...